Универзитетскиот професор и поранешен претседателски кандидат на опозицијата, Стево Пендаровски, смета дека СДСМ и коалициските партнери треба да бидат погласни и поотворени за серијата проблематични изјави на еврокомесарот Јоханес Хан.
„Зачуден сум зошто политичкиот субјект кој би требало да биде најмногу погоден од ваквите изјави на Хан – здружената опозиција, се задржува на приватни комуникации по телефон или на меки соопштенија во јавноста. Бидејќи процесот е екстремно важен, од процесот зависи иднината на државата, а од овој човек зависи навигацијата на тој процес, мојот став е дека овие очигледно тенденциозни изјави од Хан мора да наидат на системски одговор од здружената опозиција, па дури и да се оспори неговиот кредибилитет да биде непристрасен во процесот“, рече Пендаровски во синоќешното издание (27.1.2016 г.) на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М.
Поранешниот вицепремиер и пратеник Насер Зибери вели дека „осцилациите на Хан се недозволиви за ваков човек, дека негови изјави се во директна спротивност со општата политика на ЕУ, со извештајот на Прибе, но и со ставот на дипломатскиот кор во Македонија и со нивниот посредник во преговорите на работните групи, кој често е принуден да го демантира комесарот“.
„Последната изјава на Хан (за бугарски „Капитал“) дека е важно изборите да бидат фер и според стандардите на ОСБЕ-ОДИХР е правилен став, но ако изборите ги бојкотира главната опозициска партија во една земја и сите други опозициски партии од албанската и македонската заедница, не може да има фер и демократски избори. Што значи, изјавата сама по себе е противречна и ова го прави Хан сомнителен. Се согласувам со Пендаровски дека политичките субјекти не треба да останат само со ад-хок реакции туку дека процесот треба да се гледа во целост и да се види зошто комесарот Хан ги менува ставовите од средба на средба и дури сам се демантира за 24 часа“, рече Зибери.