Амбасадорот на САД, Џес Бејли, предупреди денеска дека времето да се остварат условите за изборите е кратко и дека таа порака ни ја упатуваат уште од 15 јули, пренесува Утрински.
Според Бејли, се уште не е договорено каде и како САД и ЕУ ќе ја соопштат својата проценка, но веќе работат на неа, а она што ќе го кажат, нема да биде предупредување што е решено а што не, туку ќе биде чесно гледање на САД, ЕУ и пријателите на Македонија.
Амбасадорот притоа не сакаше да ја објаснува својата реакција околу интервјуто на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, со Драган Павловиќ-Латас на Сител, освен тоа дека неговата и реакцијата на евроамбасадорот Аиво Орав, иако била слични, не биле координирани, со краток коментар дека тоа што го видел не било интервју. Дали реакциите на двајцата амбасадори на ова интервју се најава за оценката околу изборите Бејли не кажа, но по сите реакции во јавноста, тој „детаљ“ е тешко да се одбегне.
Бејли, исто така, даде уште една поддршка на работата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, предупредувајќи дека ако тој дел од договорот од Пржино не се оствари, „овој облак ќе виси над Македонија“, мислејќи на скандалот со прислушувањето и содржините внатре.
„Многу е важно Катица Јанева и нејзиното обвинителство да можат да ја завршат својата работа бидејќи преземањето одговорност за снимките и за содржината во нив е важен дел од договорот од Пржино. Тоа е единствен начин да се издвои што било сторено а што не, како ќе се одговара за тоа. Тешко е, знам дека е така, с` треба да оди низ законски процес со целосна заштита на индивидуалните права и правилата што ги има судскиот систем. Но важно е таа да може да ја заврши својата работа, зашто во спротивно, овој облак само ќе виси над Македонија“, порача амбасадорот на САД.
Бејли вчера пред македонската публика презентираше како низ годините се менуваа изборните практики во САД, при што не можеше да се сети кога за последен пат во неговата земја имало манипулации какви што гледаме ние овде во Македонија, порачувајќи дека станува збор за процес.
Неофицијално, од други извори се дознава дека ОДИХР, и покрај неизвесноста околу тоа дали ќе има избори или не, а уште повеќе со с` поизвесната проценка дека услови за нив нема, се подготвуваат за десетина дена да дојдат со мисијата. Меѓународниот фактор не е сигурен како ќе изигра владејачката партија – дали ќе ја прифати нивната оценка или ќе инсистира да оди на избори на 24 април, дури и ако не учествува опозицијата. Засега не е договорено дали одлуката за изборите на САД и на ЕУ ќе биде кажана во Брисел или во Скопје и кој ќе ја добие таа „чест“ и на каков начин, но одамна беше најавено дека извештај за тоа ќе има од Европската комисија.
извор: Утрински весник