Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17444

(ВИДЕО) 360° Издашноста на изворите од кои пиеме вода на историски минимум –Скопје брои ситно до рестрикции

$
0
0

Извештаите на Обединетите Нации дека повеќе од две милијарди луѓе на планетата немаат пристап до питка вода или дека повеќе од четири милијарди немаат пристап до тоалети со безбедни одводи, не не допираат многу како јавност, затоа што ни се чинат за далечни феномени. Но, не е баш така.

Во општества опседнати со домашната политика, како македонското, светската дебата за климатските промени е нешто туѓо и далечно. За среќа или за жал, се чини дека тоа наскоро ќе мора да се смени. 250 илјади домаќинства и 5.700 фирми во Скопје не знаат дека бројат „ситно“ до рестрикции за вода.

„Долги низ години се користеше Рашче 1. По потреба се вклучуваше и Рашче 2. Годинава за прв пат ги вклучуваме и резервните извори, вели директорот на Центарот за санитарна контрола при скоспки Водовод“,

вели Зоран Божиновски, директор на Центарот за санитарна контрола.

Слична е состојбата и со издашноста на изворот Студенчица, во кичевско, од каде вода за пиење добиваат 200.000 граѓани од седум општини, меѓу кои најголема е Прилеп.

– Ваква состојба не се памети 50-тина години, буквално беше наречено индијанско лето, од март месец нема заврнато, се сеќава директорот на прилепски Водовод.

Метеоролозите предупредуваат дека во следните две декади Македонија влегува во период на суша. Градовите веќе бараат алтернативни извори и се борат со губитоците. Вода засега има, но до кога?

Во подножјето на планината Жеден се наоѓа изворот Рашче. Ова е каптажата Рашче 1, местото од каде водата преку мрежен систем патува до домаќинствата во главниот град Скопје. Кога го посетивме изворот, сместен во атарот на истоименото село во општината Сарај, не пречека дожд. Но, и покрај врнежите, нивото на издашност беше само една третина од потенцијалот.

За скопјани да немаат проблеми со вода, во системот се потребни околу 4.400 литри вода во секунда. Во нормални околности, изворот Рашче 1 може да ги задоволи сите потреби со максималната издашност од 7.200 литри во секунда, но таа знае да падне и до половина од потребите на главниот град – 2.100 литри во секунда. Во моментов, Рашче 1 учествува во водоснабдувањето речиси со минимумот, со 2.400 литри во секунда. Недостигот се покрива делумно од изворот Рашче 2 со 1.000 литри во секунда. Остатокот од 1.000 литри во секунда потребен за оптимално снабдување на Скопје со вода, се покрива од резервните бунари во Лепенец и Нерези, при што во употреба се ставени дури 5 од вкупно 7.

Тоа значи дека во моментов се активирани речиси сите расположливи ресурси и резерви за главниот град непречено да има вода.

– Во услови на ваква хидролошка состојба, безмилосно се користеше водата во Скопје за полевање, за миење на површини, што на крајот на краиштата не е ни лошо, треба да има и зеленило. Но, законот вели дека има и приоритети. Водоснабдувањето треба да биде пред се,

смета Зоран Божиновски, директор на Центарот за санитарна контрола.. 

Со оглед на тоа што климатските прогнози не ветуваат повеќе вода во изворите, прва мерка за одржливост на скопскиот водовод е да се намалат загубите.

Во извештајот на „Водовод и канализација“ за 2018 година е нотирано дека годишното производство на вода изнесува околу 104 милиони кубици. Но, дури 33% од произведеното, или околу 35 милиони метри кубни вода, се губитоци – што поради старата мрежа, што поради кражби. Сликовито, скопскиот водовод секоја година губи 13.000 олимписки базени питка вода.

Додека властите засега неуспешно бараат решение загубите на вода да се намалат на 20% од произведеното, се размислува и за вклучување на нови извори, за Скопје да не се соочи со рестрикции, како летово, кога градот штедеше на полевање на зеленилото за да има непрекинато водоснабдување.

„Ги мериме количинита на Кадина, Мала река, Заноним, Патишка река и изворот Врело, како потенцијален извор за водоснабдување. Изворот Врело на 30 октомври имал 1.100 литри продукција на вода. Па сега видете, колку е значајно да се водат истраги и да се има податоци. Треба да се прави проект, да се извлече водата, тоа е работа која трае, но градот размислува и на таа работа“,

објаснува Божиновски. 

Најсериозна опција пак за намалување на загубите засега е т.н. дигитализација на целиот водоводен систем. Станува збор за скап проект, кој засега е само план.

„Би можеме да знаеме, точно и комплетно од точка А и точка Б каде ќе бидат поставени дигиталните мерачи, каде имаме загуба во системот, дали станува збор за загуба заради дефект подземен во водоводната мрежа или кражна на вода. Но, ќе нема градот поинаков избор освен да започне со имплементација на овој процес бидејќи многу поедноставно би било да ги направиме заштедите на питката вода за пиење со отстранување на овие аномалии, отколку да влеземе во градба и копање на нови бунари и нова инфраструктура“,

анализира скопскиот градоначалник Шилегов.  

Ако Скопје е на работ да ги почувствува ефектите од недостиг на вода, околу 200.000 граѓани кои се приклучени на системот Студенчица, повремено, веќе имаат проблеми.

За Кичево, Пласница, Македонски Брод, Долнени, Крушево, Кривогаштани и Прилеп да имаат непрекинато снабдување со вода, потребни се 480 литри во секунда. Во јануари и февруари издашноста на изворот Студеница била 623 литри, во мај највисоки 1.278 литри во секунда, за по летото, во октомври, да падне на историски најниски 490 литри во секунда.

Од јавното претпријатие „Студенчица“ велат дека нема простор за загриженост, иако веќе има рестрикции на одредени места.

– Станува збор за рестрикции од Пласница до Долнени во период од 22 часот до 5 часот наутро, за да може во тој период да се полнат и резервоарите за Прилеп и другиот крак, за преку дента да се снабдуваат со вода,

објаснува директорот на ЈП „Студенчица“ Урим Ахмеди. 

Од Кичево, со автомобил, потребни се околу половина час за да се стигне до изворот Студенчица. Овие бетонски плочи се каптажата на изворот, кој е од затворен тип и нема допир со природата. Во внатрешноста, линиите на карпите го покажуваат нивото на издашност во најдобрите денови.

„490 литри во секунда е под границата за задоволување на потребите на сите корисници и на РЕК Осломеј. Во моментот РЕК Осломеј е вон работа. Од кај нив добиваме информација дека секој момент се спремни да стартуваат со работа, но поради намалената издашност на изворот се уште не се стартува со комбинатот. За задоволување на потребите на сите корисници, за потребите за хидробиолошки минимум и РЕК Осломеј се потребни околу 900 литри во секунда вода“,

објаснува Гоце Наќевски, раководител на техничкиот сектор при „Студенчица“. 

Стартот со работа на комбинатот, кој пак дава друг неопходен ресурс – електрична енергија, ги плаши жителите на планинските кичевски села. За нив тоа значи мал притисок на водата.

„Ние сме приклучени на водоводот што носи вода кон термоцентралата. Термоцентралата троши вода чиста за да го измие јагленот, а населението што се наоѓа овде бившата Осломеј немаме вода за пиење“,

рече за „360 степени“, претседателот на месната заедница во селото Премка Фето Фетоја.

„Во моментот имаме, но преку зима и летно време сме имале проблем стално со водата“,

вели Нешат Суна, жител на С. Шутово.

По колку време? 

„Можеби недела дена, 4-5 дена, некој пат и повеќе“,

вели друг жител. 

Нискиот притисок на водата се чувствува и во селата во соседните општини, како на пример во Под кули, прилепско.

„Досега беше добро со вода, имаше снабдување. Но, со сушата која зафати имаше влијание имаше одрaз на водоснабдувањето, ни раскажуваа луѓето во овие места“,

вели жител за „360 Степени“.

Во однос на водоснабдувањето, прилепскиот регион е поделен на две зони -ниска и висока. Во ниската е центарот и околината, каде живеат 65% од населението. Во високата зона се дел од населбите и некои приградски села, каде живеат 35% од населението. Во недостиг на вода од Студенчица се користат резервни бунари. Во моментов, активни се дури 17 од вкупно 26.

Ова е прв пат годинава да се користат бунарските постројки за дистрибуција на вода во високата зона, вели директорот на прилепски „Водовод“, Емил Јаневски.

„Во вакви метеоролошки услови, кога Студенчица доставува 90 литри во секунда согласно нивните можности, а високата зона има потреба од 160 литри во секунда, реално е да очекувате проблем“,

вели Јаневски.

Прилеп не смее да се откаже од Студенчица, вели директорот, но додава дека е неопходна нова стратегија за водоснабдување на градот.

„Студенчица е проект реализиран од 1989-та година и е планиран долгорочно за 30 години водоснабдување за Прилеп. 30 години изминуваат, мора да се развива нова стратегија. Има повеќе можности, кои се разбира се доволно скапи за да не може да ги реализира само комуналното претпријатие или општина Прилеп, односно потребна е поддршка од државата“,

смета Јаневски.

Од хидролошки аспект, нивоата на реките и водотеците дури и за овој период од годината се доста ниски, вели Васко Стојов од УХМР. Но, доколку состојбата се анализира во подолги временски интервали, тој уверува дека нема поголеми отстапувања од просекот.

„Ако не ги третираме, можеме слободно да кажеме дека во следните 20 години не очекува период на суша. Нема да биде суша и цело време суша, туку зачестена појава на суши, кои едноставно ќе имаат големо влијание на стопанството на државата и самата држава треба да се насочи кон анализа на сите тие проблеми“,

предвидува Стојов. 

Ако се вклучат и проекциите за климатските промени, во Националниот план од 2013 година се вели дека во Северна Македонија до 2025-та, се очекува пад на врнежите на годишно ниво и постепено зголемување на температурите.

Ниту едно сценарио не ветува дека Рашче, Студенчица или кој било друг голем извор на питка вода ќе расте туку напротив дека ќе се намалува. Задача на властите е да бараат нови извори, а на свеста на граѓаните – рационално да се користи ресурсот кој очигледно не е даден еднаш засекогаш – водата.

Издашноста на неколку извори на вода од кои се снабдува половина Македонија е на историски минимум.

Алармот е вклучен – и за барање алтернативи и за будење на свеста кај граѓаните – дека треба да го менуваме односот кон овој ресурс.

Извор: 360 Степени


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17444

Trending Articles