Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
Откако Макрон навидум непромислено се обрука на самитот во Брисел, сега Французите набрзина произведоа некаков нон-пејпер со „нова методологија“ за продолжување на процесот за ширење на Унијата. Купуваат време во кочењето на европската перспектива за Западниот Балкан, а по пат ќе шират оптимизам за забрзување на реформите и слични бла-бла-бла-флоскули.
Целата таа дополнителна, бесмислена процедура – која не е ништо суштински поразлична од она што треба со години да се прави со отворањето на преговорите, а за што граѓаните искрено веруваат дека им е последна шанса за делотворни промени на подобро – сега ќе бара сериозно да се земе предвид, да се трошат денови и месеци на средби, состаноци и дипломатски љубезности, како и насмевки упатени кон францускиот амбасадор, за некој да не се почувствува навреден што тие нам ни ја блокираат европската перспектива.
По пат, се разбира, ќе доживееме нови понижувања и провокации од членки на ЕУ, на кого како ќе му текне, некои од домашни, други од регионални причини, онака, во зависност од тоа кој како ќе се пробуди наутро и на која нога ќе стане. Не заборавајте, ова е сè уште добриот, стар Балкан!
Ете, онаа простачка заштитна трговска марка на Грците (во превод: „Македонија Големата“), во нормални околности би била да се скинеш од смеење за тој националистички примитивизам; но, бидејќи повторно влегуваме во циклус на ненормалности, сега треба да се занимаваме и со грчките валкани трикчиња, ама и со нашите национал-шегобијци кои со обновен ентузијазам тврдат дека, ете, Грците, наводно, нè насамариле, дека идентитетот и самиот опстанок ни се доведени во прашање, на што тие на време предупредувале, ама предавниците…!
И така, уште еднаш, по 1.348 пат, до бескрај! „На врв врба брзо мрда“ и други јазични вежби за тепање време и ширење дефетизам…
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.