Погребното претпријатие „Груевски, братучеди и ДУИ“ на македонската правна и институционална држава повторно сака да оди на избори под услови и на начин како што тоа го прават со години наназад. Но, избори на 5 јуни ќе нема. Односно, секому нормален му е јасно дека не треба да ги има, додека не се демонтира последната завртка и навртка на злосторничкото менгеме во кое сме стегнати.
Минатата недела, Жената што има увид во доказите силно ги возбуди луѓето што имаат увид во своето злосторничко здружување. Жената им порача дека, со оглед на доказите, нивниот злосторнички здружен функционерски легитимитет не постои. Овие, пак, и самите пријатно изненадени бидејќи се сé уште на слобода, фатија една поза на голема институционална навреденост, помешана со чувство на горчина произлезена од неизвесноста за тоа дали годинава треба или не треба да направат рани, поевтини резервации за годишен одмор; оти, не е важно колку милиони сте ставиле на страна, попуст си е попуст, особено ако се испостави дека тоа може да ви биде последен одмор за догледно време.
Така задумани, лакеите на Фамилијата толку многу се навредија, што цела недела не можат да се совземат: плаче Влатко Ѓорчев од позицијата – да не поверуваш, човекот држи рекорд за најдолго студирање на Правен факултет! – претседател на собраниската Комисија за факинг политички систем; завива Илија Димовски – кој не држи никаков рекорд – како заменик врховен пропагандист од канцеларијата на Протоѓер; крици се слушаат од Советот на обвинители и од Судот, па дури и г-ѓа Гошева, од чиј нож, забиен длабоко во грбот на Уставниот суд, сé уште се цеди крвта на уставниот систем во земјава, вреска: „Убиство! Убиство! Се убива уставниот поредок на Македонија!“…
Само претседателот Ѓорге Иванов достоинствено молчи. После трауматичната авантура со отворање уста за германски „Билд“, повторно е одлучено тоа згоено златно рипче од домашен љубимец на Фамилијата да биде вратено во аквариумот и таму немо да пушта меурчиња од устата, кога ќе ја отвори. Боцевски е задолжен да го нарани и да не му даде да пипне ни едно копче. Така Боце заработи амбасадорлук во Бразил, да им ги одржува становите на избрани членови на Фамилијата, а и таму да ги чека на аеродром, да помогне со куферите кога ќе дојдат да си ги проверат банкарските сметки.
ИНСТИТУЦИОНАЛЕН ПОГРЕБ
Памти ли некој кога Марко Зврлевски поднесувал извештај во Собранието на Македонија? Всушност, памти ли некој кој беше ликот Марко Зврлевски? Или, можеби, се сеќавате на некој годишен извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата, на пример? А памтите ли кога Ѓорчев или Димовски давале патетични, претсмртни изјави кога за последните десетина години, на разгледување на годишниот извештај на УБК (кога го имало, никогаш подолг од две, неполни, странички!) немало да се појави нивниот оуверол шеф Мијалков?
Значи, ги земате институциите на државата, ги ставате под нозе и ги газите и бришете чевли од нив додека не станат некаква непрепознатлива сива маса. Потоа таа маса ја ставате во машина за мелење кадровско и идеолошко месо и гмечите безмилосно. Добиените фронцли ги фрлате на улица и, напред-назад, ги газите со ваљак. Таквата институционална палачинка ја полевате со бензин и ја палите. Врз остатоците потурате солна киселина, а останатиот прав го изгребувате со шпакла, го ставате во оловна урна и ја закопувате три метри под земја. Врз купчето свежа земја ставате надгробна плоча со епитаф: „Овде лежат остатоците од институциите на македонската држава, прерано починати под власта на ВМРО-ДПМНЕ (и ДУИ), 2006-2016“…
Конечно, на таквиот гроб закажувате прес-конференција, со директен пренос на пропагандната машина, на која Ѓорчев и Димовски, облечени во заштитни одела за анти-биолошки и анти-нуклеарен хазард, држат загрижени говори за тоа како опозицијата и СЈО не ги почитуваат македонските институции. „Срам да ѝ е на Катица, ја уништи државата под диктат на Заев и Бејли!“
Навистина, срам да им е. А до банкрот си имаме барем уште неколку месеци – ама, не, опозицијава сака сега, одма, веднаш да пропаднеме! Проклети комуњари антимакедонски!
ЛОПАТИ НАМЕСТО ПЕНКАЛА
Погребното претпријатие „Груевски, братучеди и ДУИ“ на македонската правна и институционална држава повторно сака да оди на избори под услови и на начин како што тоа го прават со години наназад. Развија не толку софистициран, колку ефикасен и безобразен систем за местење избори којшто, без сомневање, го нема никаде на Балканот: произведуваат лажни идентитети или ги удвојуваат и триплираат во илјадници партиски гласачи – патем, сега појасно ли ви е зошто во Македонија не сакаат да се спроведе попис на населението? – и таквите „фантоми“ со привремено превземени туѓи идентитети, во комбинација со „системот Пустец“, прецизно ги распоредуваат по изборните места каде изборот на пратеници (или локални советници и градоначалници) зависи од неколку стотици или нешто повеќе гласови; со дополнителни притисоци, потплатувања, рекетирања и заплашувања, со години победуваат на избори со маргини кои дозволуваат апсолутистичко злоставување на државата и демократијата. Со секој нов изборен циклус, системот уште малку се усовршува, се проширува и надградува, а владејачката пропаганда, помогната со разно-разни „експерти“ за перење мозоци и со милионски трансфери кон газдите на медиумите и нивните пропагандни перјаници, таквиот резултат го прогласуваат за македонска политичка судбина, издлабена во камен: Македонија – вечна!
До толку, што и еден Мендух Тачи, некни, со нему својствена врвна сликовита циничност, ќе признае дека во Македонија „изборните кутии се полнат со лопати“! Ваквото однесување на Тачи мора да се смета за голема олеснителна околност и оригинален придонес кон рехабилитирањето на македонската демократија.
Сакам да кажам, избори на 5 јуни ќе нема. Односно, секому нормален му е јасно дека не треба да ги има, додека не се демонтира последната завртка и навртка на злосторничкото менгеме во кое сме стегнати. Друго прашање е уште колку кондиција имаат СДСМ и странците за да го истрчаат и овој, полу-деветти круг на македонскиот пекол од демократија. За да не нагаѓаме, ќе се види таа работа веќе во наредните десетина дена.
ДЕМОНТАЖАТА ПРОДОЛЖУВА
Во меѓувреме, доаѓа време кога Жената што има увид во доказите ќе почне повидливо да ја демонстрира својата работа. Земете го, на пример, директорот на Централниот регистер: тој доби полноќна лекција дека неговата лојалност кон Законот мора да биде поголема од неговата лојалност кон Фамилијата. Следен за полноќно рандеву по пижами е директорот на државниот Катастар (оној што писмено го извести СЈО дека може да ги побара податоците што ги бара на веб-страната на Катастарот), па раководниот кадар на службата за прислушување во УДБА, па главните во дирекциите за спречување на перење пари, за заштита на податоци, за контрола на берзански трансфери, за… Всушност, не е лошо да се најде некоја поголема сала во Скопје, таму да се поканат функционериве и, еден по еден, да се консултираат во врска со давањето докази. Има во МВР нешто што се вика „подвижна полициска станица“: комбе, со клупи и масичка внатре, пред делот со решетки, сосема опремено за земање изјави; едно такво би можело да се паркира на влезот во салата и, „според Устав и закон“, да се процесуираат овие повисоки ешалони на фамилијарното злосторничко здружение.
Во секој случај, независно од тоа дали ќе има или ќе нема избори, добро е да се знае дека СЈО во Македонија ќе функционира барем уште десетина години. Од тоа бегање нема, дури и без разлика на некакви изборни резултати, на создавањето идни технички или нови политички влади. Затоа, упатно е сега, во оваа рана фаза на функционирањето на СЈО, да се заштедат солзите и лелеците, бидејќи вистинските причини за тоа уште не дошле. Не ми верувате? Ајде да видиме што нé очекува веќе од идната недела…
Сашо Ордановски
објавено во Слободен печат