Обвинителката Фатиме Фетаи го презентираше предметот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, првоосомничен е екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.
Таа ги презентираше дејствијата на, како што рече, директните извршители на нечовечкото постапување при лишувањето од слобода на Претседателот на партијата Обединети за Македонија – оштетениот Љубе Бошковски.
„Однапред се извинувам заради фактот што во мојата презентација изворно ќе ги чуете зборовите кои биле користени за време на лишувањето од слобода, се работи за вулгарности, но сметавме дека тоа е единствениот начин пред јавноста да се изнесе поривот и мотивот кој ги следел полициските службеници во текот на акцијата, да го задоволат нарачателот.
Имено, од прибраниот доказен материјал произлезе основано сомнение дека на ден 06.06.2011 година, понеделник, поточно еден ден по завршување на парламентарните избори на кои најмногу пратенички места освои политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, првоосомничениот како службено лице – директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени -полициските службеници во единицата Алфи да во вршењето на службата при лишување од слобода на осомничено лице-оштетениот Љубе Бошковски кај истиот да предизвикаат душевно страдање.
Првоосомничениот, по разработен оперативен план во МВР за лишување од слобода на лицето Љубе Бошковски, поради сомнение дека врши кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ, a заради одмазда спрема оштетениот поради политичките пораки кои му ги упатил на првоосомничениот во текот на изборната кампања, ги навел полициските службеници задолжени да го извршат лишувањето од слобода да за време на лишувањето кај оштетениот предизвикаат душевно страдање.
Моќта, и на функцијата, и воопшто општата претстава за личноста на Директорот на УБК произвела беспоговорно постапување на полициските службеници и сервилна покорност на неговите наредби, вклучително и на оние наредби како оваа, со која директно се напаѓа човековото достоинство.
Така, истиот ден во времето на лишување од слобода од 14.30 до 16:00 часот на паркингот пред ресторан „Воденица“ на ул. „Иво Лола Рибар“ бб во Скопје, без да постои било каков отпор од страна на Љубе Бошковски, употребиле сила и закана и спротивно на Уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје ги пречекориле законските овластувања за употреба на средства за присилба.
Притоа второосомничениот, кој бил командант на единицата Алфи со зборовите, „Легнете го на земја, на земја да се апси“, „Легни го доле, легни го доле“, издал наредба за начинот на реализација на апсењето, по што трето, четврто, петто, шесто и седмоосомничениот употребиле прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го оштетениот Бошковски по нозете и држејќи го за рацете.
Истите, го малтретирале, застрашувале и навредувале со зборовите “Шефот ми рече, шефот ми рече осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето“, „Ајде сега нека лае против шефот“, „Пичка ти материна“, „Ти дојде моментот“, „Дојде моментот да се реванширам“, „Да ти ебам жената“ и други вулгарни зборови и пцовки спрема неговата мајка, сопруга и деца, а во тие моменти третоосомничениот му го ставил и пиштолот на левиот образ, упатувајќи му ги зборовите „бел ден да не видиш“.
Ова не било крајот. Веднаш потоа го ставиле пред полски тоалет со лицето кон вратата на тоалетот и во таа положба го држеле повеќе од половина час, со цел истиот да биде снимен од медиумите, кои биле известени за настанот.
Според сево ова, не е тешко да се заклучи дека на оштетениот Љубе Бошковски му било предизвикано душевно страдање, директно му било понижено човечкото достоинство и личност и го дискриминирале по политичка основа. Впрочем, и вештачењето за неговата психофизичка состојба во тој момент, прибавено во предметот го потврдува сево ова.
Да заклучам. Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите дене отвори донесе наредба за спроведување на истражна постапка против седум лица поради основано сомнение дека сториле кривично дело Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување од чл. 142 став 1 од Кривичниот Законик.
Против сите лица, кои се во работен однос во Министерството за внатрешни работи до Основниот суд Скопје 1 Скопје ќе биде поднесен предлог за определување на мерка на претпазливост – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело. Ваквата мерка е предвидена со членот 146 став 1 точка 7 од Законот за кривичната постапка и сметаме дека во овој момент истата е неопходна како реакција на државата за дејствијата за кои постои основано сомнение дека ги извршиле осомничените“, рече Фетаи.
Поврзано:
ВИДЕО: СЈО отвори предмет „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, првоосомничен Мијалков
Ова е бомбата за апсењето на Љубе Бошкоски по која СЈО го отвори предметот „Тортура“
Јанева: Оваа недела ќе ги преземеме „Маѓар Телеком“ и предметите против Верушевски
(ВИДЕО) Сопругата на Љубе, Виолета Бошкоска: Децата со многу стрес и гнев ги слушаа снимките