Соопштението на ДУИ намерно отвора простор во кој за излез од состојбата ќе интервенираат гарантите на Договорот од Пржино, со оглед дека состојбата е далеку од нормални услови за избори, сметаат аналитичари.
Неколку сценарија се вртат во јавноста откако доцна синоќа ДУИ соопшти дека партиското претседателство одлучило да ги повлече сите сегашни претставници во извршната власт. Претседателството потврдило дека во ваква ситуација на лидерот на партијата, Али Ахмети, му се доделуваат сите извршни овластувања за носење одлуки и дека тој има право да одлучува за следните чекори на партијата. ДУИ соопшти оти ќе ја информира меѓународната и домашната заедница дека во наредните денови ќе ги преиспита своите политики, но во тоа преиспитување не спаѓа веќе донесената одлука за излегување од извршната власт. Таа се смета за конечна.
Како што објави на полноќ телевизијата „24 вести“, високи партиски функционери официјално не сакале да ги коментираат причините за ваквата одлука, но неофицијално потврдиле дека една од причините е објавувањето на приватни телефонски разговори во кои се посочуваат нивни високи функционери.
„Не може Пржинскиот договор да важи само за ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, а не и за нас“, изјавил за телевизијата партиски функционер. Тој потенцирал дека оваа одлука воопшто не го доведува во прашање учеството на ДУИ на изборите, кои, како што изјавил, „сигурно ќе бидат на 5 јуни“.
Две сценарија
Провладините медиуми ноќеска експресно објавија дека причината поради која е донесена одлуката на ДУИ е да се обезбеди со сигурност дека парламентарните избори ќе се одржат на 5-ти јуни. Тие потсетуваат дека министрите на ДУИ сочинуваат една третина од членовите на Владата, а според Уставот, ако премиерот предложи промена на најмалку една третина членови од Владата, тогаш Собранието одлучува како за избор на нова влада. Бидејќи за тоа нема време, со оглед дека парламентот треба да се распушти на 7-ми април, оваа одлука на ДУИ ја толкуваат како нејзино бетонирање на датумот за избори – 5 јуни.
„А дали објавувањето на вакви снимки води кон услови за фер-избори?“, одговори реторички функционер на ДУИ, запрашан од ДВ дали партијата ќе оди на избори, без оглед дали ќе бидат исполнети условите за фер-избори. Сепак, признава дека во партијата немаат информации за мотивите за одлуката, и дека „претседателството“ кое заседавало, всушност го претставувале неколку лица од најтесниот круг околу Ахмети.
Други извори од албанскиот блок, сметаат дека ова може да сценарио за враќање на состојбите пред Договорот од Пржино, иако засега не може да препознаат преку кои механизми Груевски би се вратил на чело на Владата, за таа да го продолжи мандатот до 2018 година.
Второто сценарио е дека ДУИ е свесна дека нема услови за избори и дека на повидок е отворање можност за создавање широка влада во која ќе учествуваат четирите партии. Создавањето ново парламентарно мнозинство без ВМРО ДПМНЕ аналитичарите го сметаат за невозможно, со оглед на осумгодишниот „минат труд“ на ДУИ со ВМРО ДПМНЕ. И покрај многу реални причини и критични моменти досега, ДУИ ниту еднаш не реши да ги повлече министрите од Владата и да му откаже љубов на коалицискиот партнери. Она што сега е неизвесно, дали можеби постои поширок договор на ДУИ и со други партиски субјекти, преку создавање ново парламентарно мнозинство да се ребрендираат во „спасители“ за излез од кризата.
(…)
Текстот на Катерина Блажевска во целост прочитајте го тука