„Одлуката на Претседателот Ѓорге Иванов не е во согласност со заложбите на ВМРО-ДПМНЕ. Нашиот став е јасен, секој што направил криминал треба да одговара.
Од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе предложи да биде испратено писмо до Претседателот Иванов, потпишано од четирите најголеми политички партии, со барање да биде преиспитана одлуката за прекинување на кривичните постапки.
Во текот на денот ВМРО-ДПМНЕ ќе стапи во контакт со останатите три партии при што ќе им го понудиме нашиот предлог“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија во изминатите денови стигнуваа ставови дека тие не знаеле и не ја барале одлуката на Иванов за помилувањето, па дури и ги организираа нивните членови да протестираат пред седиштето на СДСМ за помилувањето на Заев, иако тој во старт кажа дека ниту ја барал, ниту ја прифаќа амнестијата. Од партијата кажаа и дека нивните функционери не се виновни, но не ја прифатија иницијативата на СДСМ за импичмент на Иванов. Дека имало координација помеѓу Иванов и ВМРО-ДПМНЕ сомнеж изрази и Мендух Тачи, а Иванов не кажа од каде му се податоците за постапките кои се водат против осомничените, повеќето членови на ВМРО-ДПМНЕ или блиски до партијата.