Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17360

Одбрана и последни денови

$
0
0

Со Груевски, политички, е завршено, но за справување со неговото кадровско и идеолошко наследство ќе ни треба уште многу енергија, време, упорност и лична храброст. Се гледаме и вечерва на протести!

ordanoski ordanovski

Деновиве прочитав неколку извонредни анализи (Денко Малески, Гордан Георгиев, Арсим Зеколи, Катерина Блажевска, Алберт Муслиу итн.) за тоа кој е и што треба да се очекува од именувањето на германскиот дипломат-„тешкаш“ Јоханес Хајндел, како специјален германски претставник за решавање на македонскиот политички Гродиев јазол. Со оглед на тоа што ова ни е којзнае кој по ред специјален посредник за модерирање на нашите перпетуални политички кризи во изминатите 25 години, мора да се признае дека овдешната аналитичарска заедница веќе се извешти до највисоки нивоа за читање (и меѓу редови, се разбира) на дипломатските биографии, на разно-разните кариерни референци и на „заднинските“ податоци од животите на странските пратеници кои, во правилни временски интервали, бидуваат испратени овде да ни ја спасуваат демократијата и безбедноста, а и самите да си додадат уште некоја референца во своите професионални курикулуми. Македонските граѓани, воопшто, станаа експерти за детектирање на распоредот на точките и на запирките во официјалните соопштенија на меѓународните фактори, иако нема сомневање дека за психолошката состојба во која ни се наоѓа нацијата, наместо стотиците исчитани страници на ваквите коминикеа, ќе беше подобро да прочитавме барем пет-шест книги или нешто поезија, па макар и од овдешните лажни литерарни величини кои деновиве молчат како добро згоени рипчиња во културниот аквариум на власта.

Сепак, ако ми е дозволено, и јас би додал некој збор за тоа што се очекува од г. Хајндел. Прво, од неговата дипломатска биографија е јасно дека има забележително политичко и безбедносно портфолио зад себе, со доволно „американски“ и „балкански“ елементи во него, за да може компетентно да ги пресретне сите важни предизвици во македонската политичка и ментална реалност. Второ, очигледно е дека е тој на директна „врска“ со германскиот министер за надворешни работи, за да се „прерипнат“ бриселските коридори на влијанија, компликации, калкулации и, да, заебанции. Низ тие бриселски ЕУ-лавиринти овдешната конзервативна десница, помогната и од милионите евра наши украдени пари, успешно кормилараше во изминатите години за да се развлечат, ублажат, одложат и разнебитат критиките и иницијативите што до сега стигнуваа и не се спроведуваа во врска со Македонија.

НАГРАДНО ПРАШАЊЕ: КАДЕ Е ТОЈ?

Што значи тоа? Тоа значи дека не се очекува од г. Хајндел да ни го арчи драгоценото време на средби со некаков Никола Тодоров и никаков Илија Димовски, на пример, по просториите на Клубот на пратеници во Скопје и да се занимава со нивните невоспитани или провинцијални штосеви кои на македонскиот режим му „купуваа време“ во создавањето на унилатерално воспоставената „реалност“, еден вид на политика на „свршен чин“, во која требаше да се преговара по секоја глупост за која тие ќе се сетеа да ја направат. Закажи датум за избори без ниту еден спроведен критериум за нивно демократско одржување – потоа со недели преговарај за откажување на датумот. Повтори ја истата „вежба“ со нов датум и со влошени демократски услови за нивно одржување – пак изгуби неколку недели за преговори за нивно откажување. Донеси некаков безмислен закон или пропис – преговарај со месеци за нивно повлекување. Направи меѓуетничка провокација – изгубинеколку недели за да се санираат последиците. Злоупотреби го судството и обвинителството како канализациски цевки кои можат сé да голтнат – потроши недели за лелекање по правната држава. Направи противзаконска аболиција – со недели преговарај за нејзино повлекување… И така до недоглед, додека сите не пропаднеме во дупката на општиот заборав, на сенародната депресија, на политичката и моралната релативизација на сé и секого, во ситуација кога и за убиецот и за жртвата се наоѓаат подеднакво валидни оправдувања и дека, всушност, бидејќи „сите се исти“, подобро е да живееме со „лошите кои добро ги знаеме“, отколку да одиме во неизвесноста на промените. Таа фаза на тегавење, фала на прашање, сега завршува.

Во фазата што следува, предвидувам дека г. Хајндел најголем проблем ќе има со една друга реалност: на која адреса да го пронајде г. Никола Груевски и како да обезбеди негова рационална присутност на разговорите. Имено, и во ДПМНЕ малкумина знаат каде се наоѓа лидерот на владејачката партијаи каква е неговата психолошка композитност во моментов?! После неговото легендарно појавување со кравите, што засекогаш ќе остане во видео-антологијата на македонската политика; и после она некакво читањето на некаков говор во некаква просторија исполнета со некакви провинцијални партиски функционери – говор во кој одново го сруши личниот рекорд во изговарањето на зборот „народ“ во комбинација со зборот „избори“, што е постигнување со олимписки дострели – Груевски е повторно напикан во некоја глувчешка дупка, разочаран од развојот на ситуацијата и од однесувањето на неговите најблиски соработници. Партијата, колку што разбирам, ефективно, сега од бункерот ја водат шефот на бирото за пропаганда Протоѓер и шефот на кадровското биро Јанкуловска-др-битолска, што значи дека и тактиката купи-ден-помини дебело е доведена во прашање. (За интересниот состав на странските советници кои сега работат во бункерот, во некоја наредна колумна.)

Зошто се важни овие детали? Бидејќи е добро да се разбере на која точка се распадна стратегијата на режимот…

КОРЕНИТЕ НА КАВГАТА

Имено, планот на власта имаше една едноставна цел: до предвремени избори да се стигне што побрзо, но на начин тие да бидат меѓународно признати. Откако на таквите демократски нерегуларни избори би се победило („народот“, „народот“, „народот“… „народот“), потоа преговарањето за спасувањето на сопствената кожа ќе се води од многу покомотна позиција, со свежо обновен политички легитимитет пред кој и правната држава би се натерала на концесии. Со други зборови, да, точно е, правевме разни злостори, ама „народот“ нé сака, што значи дека и злосторите ни се простени. Ваквата стратегиија беше промовирана, лобирана, платена, пропагирана и преговарана во целата измината година, навидум „зациментирана“ во Договорот од Пржино.

Но, целиот овој недемократски и дијаболичен план имаше две слаби точки: прво, Специјалното јавно обвинителство и трката помеѓу неговата работа и датумот за изборите; и, второ, надежта дека уцената на УБК кон Ахмети и другарчињата е поголема од влијанието на САД врз спомнатите. Драма!

Што се однесува до првата точка, просто речено, Катица Јанева и нејзиниот тим со својата работа и однесување ги изненадија СИТЕ, вклучително и некои странски протагонисти во македонската криза. Сепак, и во такви околности, ДПМНЕ можеше да има иницијатива, доколку не одбра тактика која се покажа за целосно контра-продуктивна.

Имено, ако добро го интерпретирам ставот на Сашо Мијалков во внатрепартиските расправи, кои се причина и за распадот во ДПМНЕ, целата работа за доаѓање до што поран датум за избори (24 април, а потоа и 5 јуни, добога!) се сведуваше на подготвеноста на неколку врвни партиски кадри од власта (Јанкуловска, Јанакиевски и слични) редовно и без драматизирање да се одзват на поканите за распит во предистражна постапка на СЈО и во Кривичниот суд. Во крајна линија, тие требаше и да се согласат, за „општо партиско добро“, да прифатат и некој ден да поседат во домашен притвор, за „приказната“ со функционирањето на правната држава да може да се довива доволно „течно“ за да не се кочи „приказната“ за функционирањето на политичката држава, преточена во согласноста да се излезе – и да се победат – на изборите самоволно закажани за во април, а потоа и за во јуни годинава. Од таквата позиција на нова власт, потоа, низ режимските обвинителско-судско-полициски-пропагандни лостови, би се санирале персоналните и партиските проблеми со кривичните пријави од СЈО, со заштитените сведоци и со материјалните докази, со притворите и со судските процеси.

ЗГОЕНИ МИЛИОНЕРИ

Еееее, ама ДПМНЕ одамна не е „револуционерна организација“, туку организација на политички дембели-милионери, на кои газовите им се навикнати на меко и топло, а за исхрана прифаќаат само најскапи ресторански стандарди со пет-шест служења, во кои не спаѓаат условите на ќелиите во Шутка и Идризово. И, затоа, некои таму го изговорија историското: „Првиот ден во притвор – и сé ќе кажам!“.

Откако со ваквиот став, соочен со можноста и тој самиот да биде повикан на распит, се согласил и Груевски, целата стратегија наеднаш стана неспроведлива! Кавгата меѓу рационалниот братучед и растроено-уплашениот братучед ескалираше, а поразот на кратковидите успаничени партиски стратези беше запечатен со сомнабулната одлука на Иванов за нивна аболиција. После таквото институционално убиство во директен пренос пред телевизиските камери, дури ни меѓународните симпатизери на ДПМНЕ веќе не можеа ништо да сторат за да го спасат објектот на својата симпатија на патотза средба со сопствената судбина.

За Али Ахмети, пак, како втор елемент од стратегиските калкулации на ДПМНЕ, толку многу е кажано, што сметам дека нема потреба од дополнително трошење зборови. Мафијашите си се бакнаа в уста.

Останатото е историја, која гледаме како ќе заврши: избори на 5 јуни нема; аболицијата ќе се повлече; до наредните избори, кои ќе бидат закажани кога за тоа ќе се создадат демократски и легални услови, многумина функционери и соработници на ДПМНЕ ќе завршат в притвор. Еднаш сместени на затворска исхрана, кога и како ќе проговорат, сега веќе и не е толку важно. Но, кога ќе решат да отворат уста, предвидувам дека Македонија ќе мора да направи интервентен увоз на струја, за да можат да се снимат сите нивни приказни за темната страна на режимот на Груевски.

РЕВОЛУЦИЈА КОЈА ТЕЧЕ

Еве ја, отприлика, агендата на г. Хајндел. Во неа, се разбира, ќе се појават и некои привремени непланирани компликации, но, за почеток, располага ли некој со сателитска снимка за лоцирање на г. Груевски? Откако Големиот Народен Лидер ќе се лоцира – а, бидејќи е Голем, ќе се лоцира – ќе треба да се примени физикална терапија за да се исправи на нозе. Потоа, предлагам да се прејде на масажа на вилицата за да може нешто во разговорите со Хајндел и да проговори. Откако, пак, ќе се согласи за укинување на аболицијата, наредните состаноци на Хајндел со Груевски треба да се прават во тесна координација со СЈО, за да не дојде до преклопување на термините за разговори и за распити. (Ах, колку е животот неправеден: уште сега му завидувам на Груевски заради интимните средби со Ленче и со Фатиме – со што ли само ја заслужи таа убавина?!)

Конечно, до неговата предизборна демисија во партијата предлагам врз г. Груевски да се применат мерки на засилен домашен надзор, бидејќи пациентите со месијански синдром се познати по неочекувани и ризични потези по сопственото и по здравјето на непосредното опкружување.

Во меѓувреме, „Шарената револуција“ ќе тече како несопирлива река по македонските улици. Со Груевски, политички, е завршено, но за справување со неговото кадровско и идеолошко наследство ќе ни треба уште многу енергија, памет, време, упорност и лична храброст. Се гледаме и вечерва на протести!

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17360

Trending Articles