На претседателот Ѓорге Иванов му е загрозена доживотната пензија што му следува со закон, ако Собранието изгласа импичмент и го отповика поради повреда на Уставот и злоупотреба на функцијата, пишува порталот Сакам да кажам.
Уставниот суд може да расправа за одземање на имунитетот на претседателот, ако тоа од него го побара Собранието, со опис на повредата на Уставот и законот за кој пратениците сметаат дека претседателот ги прекршил.
Законот е јасен и одредува само три случаи на доживотни привилегии за него и неговото семејство на државна сметка и тоа е кажано во член 2:
1.Претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон по престанокот на мандатот за кој е избран.
2.Претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон и поради трајна спреченост да ја извршува функцијата за времетраење на мандатот.
Семејството на претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон во случај на смрт на претседателот.
Потоа се наведува дека во првиот случај, при редовен престанок на мандатот, на дотогашниот претседател му следува право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на Република Македонија, право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица што ќе си ги избере тој, како и право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.
Ако Уставниот суд побрза и го прогласи за трајно деловно неспособен сега, додека е уште на функција, нема да има кабинет, ама ќе ја задржи пензијата.
Од поранешните претседатели, само Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет. Семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма и децата, користат поинакви привилегии, утврдени во случај на смрт на претседателот.