Обрачот околу политичката елита во Македонија се стегнува се повеќе. Политичките партии се уште немаат договор, но се чини дека утре ќе ги спуштат мечовите. Заменикот на Викторија Нуланд, Хојт Ји, ќе пристигне во Скопје за да оствари одвоени средби со секој од четворицата лидери, објави Алсат-М.
Заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, одговорен за односите меѓу САД и земјите од регионот, треба да го измери пулсот на политичките партии за тоа колку се подготвени да најдат решение на политичката криза. Посетата на Хојт Ји ја потврдија и од Американската амбасада во Скопје.
Агендата на високиот претставник на американскиот Стејт Департмент се уште не е позната, но според извори на Алсат, посетата на Ји и конкретните детали за протоколот ќе им бидат соопштени денеска и на лидерите на главните партии во земјава.
Хојт Ји доаѓа во Скопје вторпат во последните три месеци. Тој беше во Македонија на почетокот на март, во време кога во Македонија кризата се продлабочи не само поради несогласувањето на политичките сили во врска со спроведувањето на Договорот од Пржино, туку и поради можноста за одржување на фер избори.
Ји тогаш ја нагласи бескомпромисната соработка што треба да ја остварат политичките партии со Специјалното обвинителство, кое според него, заслужува да биде неполитичко и независно.
Високиот американски претставник се осмели да го искаже својот став и за протестите кои се случија поради поставувањето на камен-темелникот на крстот во Бутел, при што побара остра и конкретна реакција од политичката елита во земјава во насока на смирување на таквите тензии.