Премиерот Емил Димитриев денеска до Собранието на Република Македонија ги достави оставките на министрите за внатрешни работи и труд и социјална политика Оливер Спасовски и Фросина Ташевска Ременски, како и на дополнителните заменици – министри од редовите на СДСМ.
Димитриев доставил нови предлози за министри и тоа Митко Чавков за внатрешни работи и Диме Спасов за труд и социјална политика.
Во дописот до Собранието Димитриев побарал изборот на новите министри за внатрешни и за труд и социјална политика да биде извршено на денешната 101 седница.
Пред изборот на министрите, Собранието треба да ги констатира оставките на Спасовски, Ременски и на дополнителните министри од редовите на СДСМ.
Спасовски и Ташевска Ременски, како и дополнителните заменици министри од редовите на СДСМ поднесоа оставки на 6 април оваа година.
Сепак, враќањето на министрите од ВМРО-ДПМНЕ, би значело кршење на Договорот од Пржино кој предвидуваше оставка на Груевски и формирање техничка влада со министри и дополнителни заменици од опозицијата.