Одлуката на Уставниот суд го отвора патот за парламентот повторно да се состане и да ги откаже изборите закажани за 5 јуни, за кои не беа исполнети условите. Ова е обновена можност за земјата да се справи со големиот број на сериозни прашања во срцето на пролонгираната политичка криза. Патот напред мора да се дефинира од страна на сите главни политички партии заедно, бидејќи само зрел дијалог, отвореност и посветеност на демократските принципи и на потребните реформи и нивното спроведување ќе ја врати земјата назад на евро-атлантскиот пат, стои во денешната заедничка реакција на Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан.
„Сите партии мора да го зачуваат и да го почитуваат договорот од Пржино кој го потпишаа минатата година. Оваа рамка и натаму е најдобриот начин за да ја извлече земјата од сегашната криза. Треба да се продолжи со работа околу подготовка на кредибилни избори, како и на итните реформски приоритети, преку инклузивен процес.
Партиите, исто така, мора итно да ја адресираат сериозната загриженост за помилувањето на голем број на функционери од претседателот Иванов. Помилувањата од 12 април треба да се поништат, без одлагање, да се зачува принципот на одговорност, и да се спротивстават на сериозната загриженост во врска со неказнивоста и да се избегне селективна правда. Основно демократско начело е дека сите граѓани треба да бидат еднакви пред законот.
Во иста насока, партиите мора да гарантираат целосна поддршка на Специјалното обвинителство, и да обезбедат непречено функционирање. СЈО и неговата работа се централни делови на Договорот од Пржино.
Сите страни треба да избегнат интервенции кои ризикуваат поткопување на долгогодишни напори во земјата и на меѓународната заедница за зајакнување на владеењето на правото. Ги повикуваме сите страни да најдат заеднички договор кој им служи на сите граѓани. Пристапи кои нема да го почитува овој принцип се нешто што ЕУ не може да ги поддржи и да застане позади нив. Ангажираната опозиција и граѓанското општество играат критична улога во обликувањето и обезбедување на посветеност на владата за потребните реформи“, стои во заедничкото соопштение на Могерини и Хан.