Офшор-фирма регистрирана во Лондон, а основана од друга фирма од Кипар, денеска објави оглас за преземање на акциите на „Макпетрол“ по цена за дури 30% поголема од вчерашната цена на акцијата на оваа компанија на македонската берза. За берзата и за „Макпетрол“ оваа понуда е неуредна, информира порталот Мкд.мк
Денеска во „Утрински весник“ се објави следниов оглас: „Согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на аквционерските друштва, ги известуваме сите акционери на Макпетрол АД Скопје дека имаме намера да објавиме понуда за преземање на акционерското друштво Макпетрол АД по цена од 25.908 денари за една акција. Понудата за преземање ќе биде објавена по добивањето на дозвола од страна на Комисијата за хартии од вредност“.
Потпишани на оваа понуда, која била испратена и во архивата на „Макпетрол“, се директорот Васили Евдокимов и ополномоштено лице Петар Стојановски.
Денешната цена на акцијата на „Макпетрол“ беше 19.774 денари. Понудената цена е 25.908 денари. Вкупниот број на акциите е 112.382, а книговодствената вредност на една акција е 30.250 денари. Според понудената цена од 25.908 денари, тоа значи дека „Балкан петролеум“ треба да обезбеди гаранција од околу 47 милиони евра.

Од Македонската берза информираат дека документацијата на понудата е некомплетна – полномошно, нема меморандум, нема печат. „Со добиениот допис не е доставено соодветно полномошно врз основа на кое би се утврдил легитимитет на ополномоштеното лице да настапува во име на друштвото Balkan Petroleum Holding Limited, Берзата за истото ја извести Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија“, се вели во известувањето на Македонската берза.
„Балакан петролеум холдинг лимитед“ е фирма од Кипар, регистрирана на 28 мај годинава во Лондон, Англија со двајца вработени и основачки влог од 1.000 акции или 1.000 евра. Основач на оваа фирма е фирмата „Даволиа“ од Кипар, регистрирана исто така во мај 2016 година, со двајца вработени.
Познавачите велат дека ова се прави во пресрет на собранието на акционери на „Макпетрол“, кое е закажано за в сабота.
Текстот во целост прочитајте го тука