Градоначалникот на Гази баба Тони Трајковски се брани дека бил невин за рушењето на Космос. По распитот завчера тој денеска на прес-конференција излезе со тврдење дека Катица Јанева пред месец и половина во јавноста презентирала обвинувања и манипулации, без никаков доказ за дивоградбата Космос и со тоа направила класична клевета.
-Без ниту еден доказ, чисто политичко обвинување и конструкција од која секој правник би се засрамил. Катица Јанева ги сокри сите факти и аргументи и отворено застана на ставот дека некои дивоградби мора да се третираат поинаку од останатите. Селективност спроведена по налог на Зоран Заев. И покрај сите докази кои беа доставени од наша страна до СЈО, Катица Јанева сепак излезе на прес конференција и одлучи мене и моите колеги да ни го наруши угледот преку пласирање на лаги и клевети – рече Трајковски.
Тој посочи дека откако во јавноста излегоа информации дека Мирослав Грчев, висок партиски функционер на СДСМ е ангажиран како вештак на СЈО тогаш се станало јасно.
-Грчев еднаш веќе се обиде да фалсификува вештачење во полза на Фијат Цановски. Тоа не помина. Државниот просветен инспекторат реагираше, а деканот потврди дека Грчев ја злоупотребувал позицијата и незаконски употребувал печати од Архитектонскиот факултет – рече Трајковски.
Во врска со барањето на СЈО да се спроведе мерка за претпазливост, Трајковски вели дека нема намера никаде да замине особено кога е сигурен дека вистината е на негова страна.
И екс премиерот Никола Груевски како осомничен за случајот Космос веднаш по распитот во судот за медиумите изјави дека бил невин и дека СЈО била продолжена рака на опозицијата и Заев.
СЈО покрена истрага за Космос по индиции за злоупотреба на службената дoлжност на неколку високи функционери вклучувајќи го Груевски какo поттикнувач на уривање на милионската инвестиција на лидерот на ПЕИ бизнисменот Фијат Цановски.