Еврообврзницата одложена на неодредено, на барање на опозицијата, објави синоќа Ројтерс повикувајќи се на еден од главните банкарски кредитори.
Издавањето на еврообврзината е одложено откако Кире Наумов од СДСМ вчера упатил писмо според кое издавањето на евро-обврзницата, може да претставува кршење на одредени закони и прописи на Република Македонија.
Во писмото, било наведено дека земјава нема соодветен правен механизам за издавање на еврообврзницата и доколку се издаде, можно е да прекрши одредени закони и правила во Македонија.
Дали ќе има пари за плати и пензии?
Премиерот Емил Димитриев вчера рече дека задолжување со еврообврзницата не е случај карактеристичен само за нашата земја.
– Целта е да се обезбеди ликвидност и навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери итн. Оваа сума гарантира една подолгорочна макрофинансиска стабилност на државата – рече Димитриев.
По ова се поставува прашањето дали со блокирањето на еврообврзницата е доведена во прашање навремената исплата на плати, пензии и социјални трансфери за што зборуваше премиерот Димитриев, и воопшто, дали економската состојба е толку лоша што единствен начин да се овозможи редовна исплата е преку задолжувања?
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, минатата недела апелираше банките да не ја купуваат оваа обврзница, во името на иднината на Македонија.
Сепак, и тој рече дека е неопходно одредено задолжување.
– Од тие причини јавно апелирам преку овие камери, власта да ја промени одлуката од 650 милиони евра на не повеќе од 250 милиони евра. За тоа и ќе се потрудиме да имаме разбирање. Го кажувам јавно затоа што знаеме дека оваа Влада е неразумна и троши буквално забегано на глупости. Дојдено е да мора 250 милиони евра да се земат кредити, заради тоа што ќе банкротира државата. Но, 650 милиони евра ново задолжување на граѓаните, тоа е недозволиво – рече Заев.