Гајур Кадриу, повеќегодишен директор на „Македонијапат“, разрешувањето од функцијата го одбележа со потпис на најголемиот тендер што оваа државна компанија го склучила во последните 11 години. Станува збор за набавка на битумен 50/70 за производство на асфалт и е вреден 5,61 милиони евра. И на овој тендер имало само една понуда што е вообичаено за тендерите на кои од 2015 година до сега „Македонијапат“ набавувала битумен, пишува Фактор.
Имено, јавната достапна статистика на агрегаторот time.mk покажува дека највредните пет тендери на „Македонијапат“ од 2015 година до сега се за набавка на битумен 50/70 од кој компанијата произведува асфалт за крепење на дупки или асфалтирање на парчиња од автопатите и магистралните патишта во земјава. На четири од вкупно пет тендери, од 2015 година до сега, имало само по еден понудувач, а само во еден случај имало двајца понудувачи. Четири пати досега добитник на овој тип на тендери била скопската фирма „КИ ЕМ ДООЕЛ“. Последниот тендер го доби компанијата „Илинден“ од Струга и тој е највреден. Вредноста на договорот е 5,61 милиони евра со вклучен ДДВ. Договорот Кадриу го потпишал на 17 јули годинава истиот ден кога премиерот Зоран Заев објави дека Гајур Кадриу ќе биде сменет од директорското место во јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.
Лани е единствена година, во последните пет, во која имало две понуди на тендер за набавка на битумен 50/70. Неговата вредност била 5,46 милиони евра со ДДВ. Во 2015 година и во 2017 година тендерите вределе по 3,07 милиони евра, а во 2016 година вредноста на набавката била 2,88 милиони евра.