БИРН ги открива лицата и фирмите кои учествувале во формирањето и работата на „Ексико“, најуспешниот македонски оф-шор. Освен Жарко Луковски и помошник министерот во МВР, Небојша Стајковиќ, се провлекуваат и лица од Чешка, индиректно поврзани со бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, фирми поврзани со бизнисменот Орце Камчев и посредници од Кипар, пишува БИРН.
Актуелниот главен оперативен директор на Македонски Телеком, Жарко Луковски и помошникот министер во МВР за информатика и телекомуникации, Небојша Стајковиќ, биле дел од сопствеништвото на мистериозната фирма „Ексико“.
БИРН од Централниот регистар ја извади комплетната документација за оваа фирма, која со години наназад имаше сопственици кои беа енигма, бидејќи се криеја во оф-шор компании лоцирани во Белизе, САД и во Лугано. Освен Луковски и Стајковиќ, во документите се провлекуваат и лица од Чешка, индиректно поврзани со поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, фирми поврзани со бизнисменот Орце Камчев, како и посредници од Лугано (Швајцарија) и Никозија (Кипар).
Последниве години, сопствеништвото на фирмата со оф-шор капитал „Ексико“ беше непозната, иако оваа компанија во 2012 и во 2013 година се наоѓаше на листата најуспешни компании, според „Еуробизнис центар“, со нето добивка која достигнува до речиси 9 милиони евра годишно.
Оваа компанија се јавува како еден од сопствениците на вредното земјиште на Водно заедно со фирмата на Орце Камчев Кара АД, а поседува и акции во големи компании како „Бетон Штип“ и Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.
Но, освен името на директорот Тодор Мирчевски, јавно не беа презентирани докази за други лица од Македонија инволвирани во работата на оваа компанија.
БИРН преку електронска пошта испратиле прашања до поранешниот сопственик на „Ексико“, Жарко Луковски, со цел да добијат објаснување со што се занимавала оваа компанија и зошто го криела сопствеништвото во повеќе држави и на два континента. Одговор на овие прашања не добиле, па телефонски го контактирале Луковски.
„Сопственик на ‘Ексико’? Не знам за нешто такво. Работев таму извесен период, многу одамна, поставувавме мрежи, но за сопственик не знам“, ни рече тој.
По електронска пошта му ги испративме и документите што ги поседуваме, но повторно конкретен одговор не добивме.
Целото истражување на БИРН на следниот линк.