Македонската јавност попладнево ја разбранува веста за оставката на министерот за финансии, Зоран Ставрески.
Граѓаните на социјалните мрежи веднаш започнаа да коментираат за причините за оставката, а многумина се сомневаат во официјалната причина, која, како што вели Ставрески во текстот на оставката, се здравствени причини.
– Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија – истакнува Зоран Ставрески во оставката.
Сепак, се поставува прашањето зошто тогаш Зоран Ставрески беше дел од листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери за изборите кои беа закажани за 5 јуни, па потоа беа откажани. Листите беа поднесени пред еден месец, а Ставрески беше втор на листата за 5-та изборна единица.
Малку е веројатно дека тој не знаел за здравствените проблеми пред еден месец.
Тогаш се поставува прашањето дали можеби бил ставен на листата без негово знаење, односно, можно ли е претседателот на партијата, Никола Груевски, да не знаел дека Ставрески е болен, па го ставил на листата за изборите?!
Ставрески беше една од главните ѕвезди во „бомбите“ на Заев, каде низ разговорите со екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, граѓаните можеа да слушнат многу детали за работата на власта.
-Ние додаваме, нон-стоп, толку многу трошоци и обврски да не постои нормална земја у светов, Америка да бевме па ќе, немаше да издржиме. Нема седница на Влада, нема седница на Економски совет, сега и тие комитетите ги креиравме, на секое од тие седници доаѓаат креативни идеи што да се прави. Патеки околу ова, патеки околу она, аква паркови…Не знам што праиме. Мислам, ние сме лудаци. Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Тоа треба да го разбереме дека е ненормално.Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома, тоа праиме ние.
– Бара договор со кинеска компанија за патишта без тендер и бидејќи луѓево нејќеле да потпишам ги вреѓа дека се јаки правници и стручњаци. И мене ми вика дека сум бил јакиот правник?!-
-И да не сум во право, начин ли е тоа..забегана порака, човек кој изгубил врска со реалноста. Ми идеше да му ја скршам главата со телефонот.